Sunday, June 28, 2009

Анте Поповски - Самуил-

2.
Елата момци црни мажишта
дечишта, чакали, орли
од сите угари
од сите добрави
сите дедовци
и сите колена
елате

Да се збереме да се видиме

Останало в крв уште од века нешто
ни една лута змија в земи не ќе го исцица
што ќе остане да ја храни оваа
црна и проклета
да раѓа бериќет
- маштија и немаштија

Елате момци црни мажишта
сите векови и сите колена
елате
да се збереме
да се видиме

да го разораме каменов
и мето плод неправдина да посадиме
да врзе длабок корен
и густи гранки да нададе

Луњи да кршат и да не го скршат
Земија да се тресе
и луди ветришта и суводолици
- тоа да расте над нашата несреќа високо

- На него да се обесиме

No comments:

Post a Comment